Исполнуваме желби

Исполнуваме желби

По повод Меѓународниот ден на остварувањето на желбите, Лајонс клубот Кабадаја од Битола во соработка со СВР – Битола, oтсек за превенции, организираше настан во кој на малиот Николче Стојковски,12-годишно момче од с. Кравари, му ја исполни желбата да биде полицаец. 

Николче облечен во полициска униформа го започна работниот ден со прошетка низ просториите на СВР – Битола, каде што се запозна со канцелариската работа на полицијата. Ги посети отсекот за превенција, отсекот за сообраќај и имаше можност да комуницира со колегите полицајци, возниот парк на полицијата, просториите за привремено задржување. На пунктот на сообраќајната полиција лоциран кај спортската сала имаше можност да ја следи брзината на возилата со радар и да учествува во контролата на сообраќајот.

Проектот беше дел од националната програма на Лајонс Дистрикт 132 Македонија „Исполнуваме желба“ и се состоеше во работа со деца на возраст меѓу 2 и 18 години кои имаат потреба од долгорочна хоспитализација или, пак, боледуваат од некоја хронична или терминална болест, со цел да им се промени барем еден ден во животот и да им исполниме една нивна најголема желба.