ПРИКАЗНАТА ПРОДОЛЖУВА ВО МАКЕДОНИЈА


Небојша Давидовски, пра-Lion и прв гувернер на дистрикт

Сонот на Мелвин Џонс се сонува и во Македонија

Ce започна случајно, кога во Атланта, САД, есента 1996 година, го видов знакот со лавовските глави на еден конгрес на Олимпискиот Комитет, вели пра-lion, Нејбоша Давидовски, потсетувајќи се на иницијативите, првите состаноци со меѓународните претседатели на Lions Club International и почетоците на создавањето на движењето во нашта земја. Наредната година се случи и да присуствувам на редовниот состанок на Lions клубот Љубљана ТИВОЛИ и тогаш всушност, преку моите пријатели Бруно Брегар, Јанез Белич и Аленка Мартер, се запознав со целите и активностите на Lions-ите. Следеа состаноци, разговори и договори, потоа запознавање со тогашниот гувернер на словенечкиот дистрикт Јанез Бохорич, како и средбата со тогашниот меѓународен претседател Августин Солива. Во фебруари 1997 година тој дојде во Словенија, а јас бидејќи веќе бев член на клубот ТИВОЛИ, по средбата и разговорите со него, како на прв Lion во Македонија добив International President’s Medal. Таа 1997 година триесетина видни интелектуалци, пријатели и соработници на 10. април го основавме првиот Lionѕ клуб во државата, Lionѕ клубот СКОПЈЕ, под покровителство на словенечкиот клуб ТИВОЛИ.

Составот на првиот клуб беше следниот:



1. проф. д-р Саво Климовски, претседател 1997-1998;
2. проф. др. Лазар Лазаров, прв потпретседател 1997-1998;
3. Јане Трпков, втор потпретседател 1997-1998;
4. Светлана Савиќ, секретар;
5. Емилија Лешкова-Јорданова, благајник;
6. проф. д-р Љубица Шутуркова, менаџер за меѓун. сораб.;
7. Лилијана Шаровиќ, менаџер за односи со јавност;
8. Небојша Давидовски, менаџер за подмладок;
9. проф. д-р Добринка Тасковска, програмски менаџер;
10. Вања Битољану, менаџер за членство;
11. проф. д-р Владо Камбовски, прет. на судот на честа;
12. Павле Петров;
13. Сејдо Теофиловски;
14. Огнен Оровчанец;
15. Милан Наумовски;
16. Војо Стојановски;
17. проф. д-р Радмила Кипријанова-Радовановиќ;
18. проф. д-р Васил Тупурковски;
19. Есма Реџепова-Теодосиевска;
20. Јасмина Миронски;
21. Виолета Томовска;
22. Јован Андонов-Реган;
23. Миро Чадиковски;
24. Павлина Пејовска;
25. Баки Малиќи;
26. Милан Христовски;
27. Александар Димитров;
28. Столе Попов;
29. Благоја Чоревски; и
30. Илија Пејковски.


Клубовите во Македонија во периодот 1997-2000 година се основани со словенечко, турско и италијанско спонзорство.

Веднаш со создавањето на првиот клуб се создадоа уште три, Lions клубот Скопје ГАЗИ БАБА чие основање одеше речиси паралелно, потоа Lions клубот Скопје СВ. ПАНТЕЛЕЈМОН и на крајот Lions клубот Скопје ВАРДАР, кој беше првиот со македонско спонзорство. Кога во 2000 година го основавме и Leo клубот СКОПЈЕ, се искачивме заеднички за едно скалило - и јас и македонските Lionѕ-и. Воден од нашиот координатор и, се разбира, пријател Јанез Бохорич, со секогаш добредојдените совети на Ернст Мусил, прераснавме во регион, односно дистрикт. Тоа беа години на најголемиот развој како и години на создавање на идните лидери.

Клубовите во Македонија во периодот 1997 -2000 година се основани со словенечко, турско и со италијанско спонзорство. Тогаш воспоставените врски со спонзорските клубови и денес се негуваат. Во периодот од 2001 до 2008 година востановени се провизорна зона и провизорен Дистрикт на Lions клубовите, а јас бев именуван за претседавач со зоната, а потоа и гувернер на дистриктот. Во изминативе 15 години, колку што Lionѕ-ите постојат во Македонија – создадени се и основани вкупно 39 Lions клубови во државата, како и 8 Leo клубoви.

Врските воспоставени со спонзорските клубови и денес се негуваат. Соработката продолжи со соработка на проекти и тоа особено во првите години по создавањето на нашите клубови. Конкретно, со клубот ТИВОЛИ успеавме да добиеме заедничка стипендија за наш талентиран виолинист, за магистерски студии во Тулуз, со тоа што спонзорскиот клуб се ангажираа околу целата процедура - од самото аплицирање во LCIF фондацијата во Чикаго. И воопшто, во работата на клубот, учеството во водењето и помошта на спонзорскиот клуб се мошне битни, особено во првата година, кога треба да се поминат првите премрежја, а недоволно се познаваат правилата и документите по кои работи асоцијацијата.

Како понатаму?

Планот за пораст на членството, подобрувањето на развојот на лидерство, општествена активност и комуникациите се дел од стратегија за развој – Lions Македонија 2020. Согласно овој документ се планира дека во 2020 година Lions дистриктот 132 Македонија ќе брои 60 клубови и 2000 членови и дека ќе биде локален лидер во грижата за ранливите групи, помагајќи за севкупна интеграција на општеството. Стратегијата за развој „LIONS Македонија 2020“ е документ создаван безмалку три години и на кој тимски е работено. Растот е планиран согласно статистичките параметри и досега постигнатото - како на бројноста така и на успесите што досега се остварени: на создадената мрежа на клубови, на воспоставените контакти со братските дистрикти, на реализираните проекти, на помошта што се укажува секому кому му e потребна. Стратегијата наиде на одличен прием и висок респект освен кај нас и на неколку меѓународни форуми каде што беше претставена. Денес дистриктот 132 Македонија брои 39 клубови и 950 членови и е респектиран дел од Меѓународната асоцијација на Lions клубовите. Нашата силна стана се нашата сплотеност, мотивираноста, хуманитарните активности и надминувањето на сите бариери во нивната реализација. Со исчекор во јавноста, низ афирмација на она што го работиме, а работиме навистина многу, може да се постигне зацртаното. Секако, битна е и едукацијата на идните лидери. Со едукацијата беа опфатени четириесетина членови и од нив се очекува да создадат нови бази во своите средини, нови поврзувања и ново членство.

Реализирани се професионални обуки за лидери на Lionѕ организациите кои во невладиниот сектор по правило се волонтерски и тоа се работи согласно ставот дека LIONЅ градејќи се себе си во најголема и најмоќна невладина организација во светот, посакува нејзините лидери да се едновремено и успешни луѓе за да можат со таа дополнителна зрелост и енергија да одговорат на комплексните задачи поставени пред нив.

Нови модели и стратегии

Во изминативе години кога и покрај транзицијата стопанството беше посилно, беше полесно и оформувањето на новите клубови. Постоеше елан и потик кај луѓето да се ангажираат, да помагаат. Работите се сменети и тоа не само на овие простори туку насекаде, па и во државите во кои дејствува асоцијацијата. За тоа се говори на сите меѓународни средби изминативе три години и се истакнуваат проблемите со осипувањето на клубовите, нивното стареење, како и за опаѓањето на обемот на активностите. Тоа кај нас не е случај: секоја година имаме пораст, имаме и нови клубови благодарение на мотивацијата на луѓето кои доаѓаат во организација со млионското членство, во која своето слободното време ќе можат да го користат за да направат нешто добро, полезно, за хумани цели и дека со тоа ќе му помогнат и на општеството. Со оглед на објективно се помалите можности за донации од стопанството, значењето на нашата организација во општеството допрва ќе се зголемува.

Lion–сите и другите меѓународни невладини организации

Меѓународните организации согласно расположливите податоци, во просек до 60 проценти од своите буџети издвојуваат за покривање на трошоците на работењето, како и на личните доходи, па може да се каже дека работат за задоволување и на своите потреби, реализирајќи проекти што се со пошироко значење.

Кај Lions-ите не е така: само пет проценти од буџетот се за административни трошоци за канцеларијата во Чикако, како и за организацијата на меѓународната конвенција, тематските и едукативни форуми и собири. Се покриваат и трошоците за едукација на новите членови и трошоците на едукаторите, додека сето останато е врз принцип на самофинансирање. Тука се трошоците за канцелариите, патувањата, како и сите останати трошоци поврзани со тековното функционирање на Lions-ите. Така е кај нас, така е и ширум светот: секој член ја плаќа и членерината, со тоа што таа за младите во Leo клубовите е значително помала. Тоа е она што не двои од сите други невладини организации: волонтерството во вистинската смисла на зборот и обемот на средствата што секоја година се доделуваат за реализација на илјадинци проекти. Lions-ите уживаат голем углед во светот и тој е стекнуван изминативе 95 години. Во Македонија постојат 15 години, време за кое е создадена мрежа од 39 клубови, со 950 членови. Со нивната активност и ангажман Дистриктот 132 Македонија стана респектиран дел од Меѓународната асоцијација на Lions клубовите.

Создавањето на првиот Leo клуб доказ дека се грижиме за иднината

Во Leo клубoвите членуваат млади не постари од 30 годишна возраст. Тоа го знаевме уште кога се основаше Lions клубот Скопје, но немаше иницијатива и никој не преземаше одговорност за основање на Leo клуб. Едноставно, во тоа време не гледавме така на работите. Иницијативата дојде од страна, избор од 20 младинци кои обединуваа успех од многу сектори. На списокот имаше успешни музички ѕвезди од забавната и од класичната музика, олимпијци, актери, идни и актуелни доктори, правници, универзитетски професори, банкари, сега веќе успешни претприемачи. Дополнивме уште неколкумина на списокот и така настана Leo клубот СКОПЈЕ, нивен прв претседател беше Андреја Стојковски, минатиот Гувернер на дистриктот 132 Македонија, што е потврда повеќе за важноста на Leo клубовите за растот и за иднината на Lions –ите.

Во првиот состав на првиот Leo клуб СКОПЈЕ беа:

1. Андреја Стојковски, претседател 2000-2001;
2. Ана Стаменковска, потпретседател 2000-2001;
3. Јелена Илиќ, секретар;
4. Васко Давидовски, благајник;
5. Маја Камбовска, програмски менаџер;
6. Маја Томовска, менаџер за односи со јавност;
7. Гоце Наумовски, менаџер за меѓународна соработка;
8. Раде Врчаковски-Врчак, менаџер за членство;
9. Лилјана Шекеринска, претседател на судот на честа;
10. Благој Нацоски;
11. Васко Наумовски;
12. Данчо Милошевиќ;
13. Гоце Трпков;
14. Калина Наумовска;
15. Ирена Пеовска;
16. Јасна Аранѓеловиќ;
17. Александра Лазарова;
18. Роза Нолчева;
19. Билјана Цветановска;
20. Ирена Пеовска;
21. Александар Миладиновски;
22. Симеон Атанасов;
23. Јован Јованов;
24. Тоше Проески;
25. Јован Зафироски;
26. Мирјана Крстеска;
27. Вероника Ефремова;
28. Марија Ристеска;
29. Слободан Христовски; и
30. Мимоза Конеска.


Јас како одговорен за подмладок во Lions клубот СКОПЈЕ ја добив задачата да бидам нивни советник и ментор и така научив уште нешто од нашата асоцијација. Научив дека само ако се грижиме за подмладокот ќе имаме иднина, а мојата задача беше да ја одгледам да порасне правилно и во духот на нашето движење.

Ми се допаѓа тоа што во Lions Clubs International луѓето се сакаат!

Ако треба да сум искрен, тогаш морам да признаам дека иако членувањето изгледаше примамливо, сепак ми беше тешко да го разберам концептот. Требаше да измина многу време, речиси една цела година од моментот кога го видов нашиот симбол во Атланта, па се до основањето на Lions клубот СКОПЈЕ за да можам да кажам дека ја почуствував суштината на движењето. Дури тогаш видов како во едно општество кое се уште го живееше моментот на своето распаѓање луѓето се собираа, се почитуваа, се поздравуваа, препознавајќи го единствениот бенефит на членувањето – дружењето и пријателството. Кога на ова ќе го придодадам моментот на запознавањето со меѓународниот претседател Солива и почитта која ми беше укажана од него, но и од сите други lions-и присутни за време на средбата тогаш заклучокот е дека формирањето на првиот клуб и пријателството, фактот дека во Lions Clubs International луѓето се сакаат е првиот момент на кој вечно ќе се сеќавам.