Сонот на Мелвин Џонс се сонува и кај нас

За нашите граѓани запознавањето со Лајонс клубовите и Меѓународната асоцијација се случи за време на Олимписките игри во Атланта, САД, а првиот Лајонс клуб бил основан на 10 април 1997 година.
Словенечко, турско и италијанско пријателство
Преку пријателство со Словенечките Лајонси, триесетина видни интелектуалци, пријатели и соработници го основале првиот Лајонс клуб во државата. Неколку месеци подоцна, следувало основањето и на вториот Лајонс клуб. Практично, основањето на првите два клубови одело речиси паралелно, а во следните три години биле основани уште два Лајонс клубови. Основањето на овие клубови се случило благодарение на постојните деловни врски и пријателства со Лајонси од Словенија, Турција и Италија.

Меѓу основачите на првите клубови биле Владо Камбовски, Ратко Чадиковски, Марија Шољакова, Трајче Николовски, Никола Додевски, Јордан Савески, Нико Палигора, Столе Попов, Есма Реџепова Теодосиевска, Виолета Томовска, Баки Малиќи, Енвер Малиќи и др.
Во 2007 година, или десет години подоцна, Лајонизмот излезе од границите на главниот град, а првите клубови биле основани во Охрид и во Битола, за потоа да следат и повеќе други градови низ државата.
Се грижиме за иднината

Паралелно со основањето на првите клубови, во ноември 1999 година, Лајонсите добиле иницијатива за основање на првиот Лео клуб. Тоа е клуб на млади, не постари од 30 годишна возраст. На списокот имало успешни музички ѕвезди од забавната и од класичната музика, олимпијци, актери, идни и актуелни доктори, правници, универзитетски професори, банкари, итн.
Неколку години подоцна, Лео клубови биле основани и во другите градови од државата, следејќи го развојот на Лајонс клубовите.
Меѓу основачите на Лео клубовите биле Александар Миладиновски, Благој Нацоски, Јован Јованов, Тоше Проески, Ана Стаменковска, Борче Димитровски, Филипо Шаревски и др.