Гувернер

На 21вата национална конвенција на дистрикт 132 одржана на 01 март 2025 година, во Скопје, за гувернер на дистриктот беше избрана лајон Маја Костовска.

Маја Костовска е родена во Скопје, каде го завршува своето образование на економскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Уште како студент, со сопругот се впушта во претприемачките води создавајќи семејна компанија за меѓународна трговија во областа на специјализирана, тогаш дигитална а подоцна и електронска опрема. Денес таа повеќе не е активно вработена, но останаува ангажирана како надворешен консултант.

Во втората половина на 90-те години активно се вклучува во невладиниот сектор, со примарен интерес кон волонтерството и младите. Таа е еден од основачите и поранешен претседател на YMCA Македонија.

Ги поминала сите обуки за работа во граѓански организации, работа, застапување и асистенција на млади и ранливи категории на граѓани. Учествувала во подготовка на меѓународни конференции на високо невладино-владино ниво, работела со деца во дом-семејства, со жени – жртви на семејно насилство и трговија со луѓе. Спроведувала проекти финансирани од МЦМС, УСАИД, УНДП. Секогаш максимално посветено и секогаш волонтерски.

Maja станува Лајон во 2011 година на покана на својот брат-близнак Емил Чучков кој е член од основањето на Лајонс клубот Скопје Св. Пантелејмон. Во клубот Маја ја пронајде вистинската средина во која може да ја исполни својата длабока потреба за хуманитарна работа со долготраен импакт во заедницата, придружена и опкружена со племенити пријатели со кои служи и се дружи.

Во клубот и во дистриктот служела на повеќе позиции, како координатор за вид, а потоа и за слух, секретар на кабинетот во три последователни мандати, претседавач на регион, втор вице гувернер, прв вице-гувернер, а сега веќе и како гувернер на дистриктот за годината 2025-2026.

За својата работа во дистриктот, Лајон Маја била одликувана со повеќе награди и признанија, меѓу кои Presidential Award Medal и два Leadership Award Medal.

Лајон Маја е мајка на два сина кои исто така биле волонтери во граѓански организации, има четири внуци и внуки кои растат опкружени со лични примери за хуманост, емпатија и одговорност кон луѓето и околината околу нив и несомнено кога ќе бидат доволно возрасни ќе ја продолжат волонтерската традиција на семејството.